ЈП за Државни патишта ќе и помогне на Општина Велес за реконструкција на патниот правец на излезот од Велес кон Градско. Од Општина Велес за МИА информираат дека патот е влезен во програмата за изградба за оваа 2019 година на ЈП за Државни патишта, кое најавува дека патот наскоро целосно ќе биде обновен.

Снежана Дервишова од службата за градежни работи на Општина Велес рече дека ЈП за Државни патишта пред еден месец ангажирало геодетска фирма чии стручњаци веќе извршиле теренско снимање на патот.

-Во тек е проектирање, односно изведбата на техничкото решение за патот и за потпорниот ѕид како заштита од карпата Цуцка, а поради опасноста од одрони од карпите како оние од март минатата година кои го затрупаа патот и го отсекоа за сообраќај и движење на пешаците. Според нивните најави проектирањето би требало да биде готово до крајот на месецов, по што ќе се распише и тендер за изведувач на градежните работи. Воедно, освен патот и потпорниот ѕид ќе се вгради и водоводната линија која сега виси под патот, а која е за водоснабдување на жителите на околните куќи и фирми во овој реон, појасни Дервишова.

Таа потенцира дека со започнување на градежните работи ќе има и времена измена на режимот на сообраќај за овој патен правец на излезот од Велес за што навреме ќе бидат информирани граѓаните.

Имено, на овој пат на излезот од Велес и на соседната железничка пруга која е под него, на 8 март минатата година, паднаа големи одрони на карпи од локалитет Цуцки, но за среќа немаше жртви.

Патот со повеќе одронати карпи на барање на Општина Велес, неколку дена со механизација го расчистуваа вработени од ЈП за државни патишта, а пругата вработени од ЈП Македонски железници.

Карпите се расчистија и патот времено се оспособи, но едната коловозна лента и по повеќе од една година сеуште е многу оштетена и сеуште стои знак за забрана на сообраќај по неа.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2019 18:21