Во Делчево се зголемува бројот на првачиња кои од идната година ќе седнат во училишните клупи. Минатата година во деветолетката „Ванчо Прке“ беа запишани 52 првачиња, додека за идната учебна година, како што информира директорот на училиштето Горан Велков, таа бројка изнесува близу околу 88 првачиња.

-Оваа бројка се јавува согласно податоците од реонизацијата во градот, според која учениците започнуваат со основно образование во Делчево во зависност од кој реон во градот доаѓаат. Според наша едвиденција, осносно според местото на живеење од каде доаѓаат, евидентирани се 88 дечиња, кои од 1-ви септември ќе бидат првачиња, вели Велков.

Сепак, како што додава Велков, се ќе зависи од тоа колку од тие дечиња се со постојано место на живеење во Делчево. Доколку не станува збор за иселување надвор од државата, тогаш за очекување е бројката на првачиња да биде поголема од минатата година.

Слична е ситуацијата и во деветолетката „Св.Климент Охридски“, учиште во кое, според директорот Горан Димитровски има доволно места на располагање за идните првачиња.

-Минатата година имавме 48 првачиња кои седнаа во училишните клупи, а годинава по подолго време се очекува таа бројка да биде поголема за десетина нови првачиња. Сепак, за да не шпекулираме се бројки, точниот број на нови првачиња кои ќе бидат запишани во следната учебна година, ќе го дознаеме откако ќе направиме увид во реонизацијата како и увид во тоа колку дечиња од потенцијалните првачиња, се со постојано место на живеење во Делчево и околните села, кои потпаѓаат под нашиот реон, вели Димитровски.

Документите за упис на сите првачиња, согласно објавениот оглас на Минситерството за образование треба да бидат поднесени најдоцна до крајот на овој месец. Во двете основни училишта во Делчево во учебната 2018/19 година од прво до деветто одделение учат вкупно 1.158 ученици.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2019 18:39