Православните христијани синоќа и денеска масовно го посетуваат манастирот „Св. Димитрија“ во Велес. Верниците, како и секоја година, на првата недела по Велигден масовно го прославауваат празникот Источен петок – Балаклија посветен на Пресвета Богородица.

Во манастирската црква, Златоустова литургија претпладнево отслужи неговото високопреосвештенство митрополитот повардарски Агатангел. Тој синоќа пред голем број православни верици отслужи и воскресна вечерна богослужба.

Присутните по традиција палеа свеќи за здравје и оставаа велигденски јајца.

Манастирот „Св. Димитрија“ за време на турското владеење на овие простори бил затрупан со земја цели пет века, за да биде повторно откопан во 1855 година, откако на воденичарот Петре Здравев му се јавил светецот. Со финансиска помош на градските големци манастирот бил откопан, а бил зографисан од познатиот зограф Хаџи Косте Крстев. Гробот на Петре Здравев се наоѓа на влезот во манастирската црква.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2019 18:54