СВР-Битола, ОО на Црвен Крст-Битола, ЈУ Центар за социјални работи-Битола и експерти психолози денеска одржаа јавна трибина на тема „Безбедни на интернет".
Едукацијата за безбедно користење на интернетот и да се спречат евентуални ризици е неопходно потребна бидејќи само на тој начин ќе се спречат влијанијата на опасни интернет игри за децата, посочија учесниците на едукативниот настан во Битола.
-Интернетот може да предизвика психичко малтретирање за децата и затоа е потребно тие да знаат како да се заштитат и како интернетот правилно да го користат. Стручните препораки се важни за сите, како за децата така и за родителите. Нашите сознанија посочуваат дека се чести ,психолошките малтретирања на децата од интернет страници кои не треба да се користат, а се случува одредени информации да се премолчат и затоа на овој начин ние им посочуваме како може да им се помогне или да им помогнеме.Нашите мерки се перманентни иако мал е процентот на пријави за проблеми предизвикани од неправилно користење на интернет или интернет малтретирање, изјави Сашо Гилевски, началник на отсек за превенција во СВР-Битола.
Според универзитетскиот професор Сашо Кочанковски, безбедноста на интернет е еден од најголемите придизвици со кој што треба да се соочиме и да го решаваме во заедницата.
-Искуствата од развиените држави може да се практикуваат и кај нас, но потребна е едукација, посебно едукација кај децата иако одговорноста е кај родителите, а потоа и кај наставниците и воспитувачите. Интернет насилството често се превенира со законски решенија и тоа е реално остварливо. За жал во нашата држава нема правило од која возраст може да се користи интернет и затоа често кај некои деца се јавуваат зависности, проблеми со спиењето и несоница, анксиозност, депресија, дебелина заради физичка неактивност… Ние како стручни лица подготвени сме дапомогнеме на секое дете но и на нивните родители, посочи Кочанковски.
Од секторот за односи со јавност при СВР-Битола најавија и други едукативни активности во функција на поголема заштита и безбедност на децата.