Кандидатот за градоначалник на Охрид на СДСМ Константин Георгиески последното обраќање до граѓаните пред предизборниот молк го искористи за да укаже на она што им беше понудено во текот на предизборната кампања.
Тој посочи дека граѓаните на Охрид имале можност да слушнат и да видат што им се нуди за наредните две и пол години, која од понудените програми е базирана врз потребите и е со реални планови за унапредување во сите сфери, наместо, како што рече, „од-збор-до-збор препишани текстови“.
– Сите заедно треба да го избереме најдоброто решение за нас и нашите семејства. Јас и мојот тим стоиме гордо исправени пред охриѓани. За охридските потреби и проблеми нудиме автентични охридски решенија, а не сувопарни текстови напишани во Белата палата во Скопје. За спроведување на тие решенија нудиме соодветни знаење и капацитети, а не партиски или „штапски решенија“ како што јавно нуди противкандидатот, рече тој.
Георгиески на охриѓани им вети целосна транспарентност и отчетност во работењето
– Битно е кој нуди. Јас за време на целата кампањата целосно транспарентно одговарав на сите лични навреди и против кампањата што противкандидатот ја води во недостиг на основни познавања за функционирањето на локалната самоуправа како и во недостиг на идеи, рече Георгиески.
За себе рече дека стои исправен пред јавноста со сите свои доблести и мани, дека не се крие зад партиски колеги и зад партиски диригирани портали и медиуми како што тоа го прави противкандидатот.
– Јас стојам зад се што кажувам, зад се во мојата програма и зад секоја моја изјава. Јас стојам зад секој свој збор. Јас не функционирам на далечински управувач. Одлуките кои јас ги носам се за Охрид и се носат во Охрид. Јас народните пари ги користам за раздолжувања и инвестиции во Охрид, а не за бели палати во Скопје, изјави Георгиески притоа изразувајќи увереност дека во недела охриѓани ќе го направат вистинскиот избор.
Уште нагласи дека ништо не се случува само од себе односно дека за подобрување на состојбите треба да се одработи, повикувајќи на масовна излезност на изборите за да се потврди резултатот од првиот круг односно да се испрати пораката дека нема враќање назад.