Охрид припаѓа на народот, градот е нашата заедничка иднина. Само заедно, сплотени да ја градиме иднината за убав Охрид преку проекти и дела, изјави Митре Милошевски, кандидатот на ВМРО ДПМНЕ за градоначалник во завршното обраќање кон граѓаните воочи предизборниот молк од предвремените избори закажани за во недела.

Милошевски истакна дека во кампањата биле презентирани сите проекти за добробит на градот, разговарано е со повеќето од граѓаните, слушнати се предлозите, идеите, но и маките и проблемите.

– Ја сакаме својата работа. Подаваме рака на сите. Кога животот ви беше подобар и поубав, претходно или сега? Водиме позитивна, слободна, фер и достоинствена кампања, не водиме црна кампања и нема да кажам ниеден лош збор. Во оваа пресудна трка за Охрид одберете напредок и резултати, а јас во мојот живот сум покажал дека можам и умеам да создавам и правам добри дела, рече тој.

За да се реализираат неговите проекти градот мора да биде функционален, заеднички да се работи на добри дела за поубав Охрид.

– Одлуката е ваша. Предизвикот е сериозен. Јас верувам во Вас и сакам вие да си верувате себе си. Ве повикувам сите разочарани граѓани, неопределени гласачи, чесни граѓани од сите политички партии и етнички заедници, масовно да излезете на гласање, недела на 5 мај за победа на правото и правдата, за победа за убав град, рече Милошевски повикувајжи ги охриѓани да го дадат својот глас за него како кандидат за градоачлник и за Гордана Силјановска-Давкова за претседател на државата. аб/сд/



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2019 19:02