Во прегратките на манастирскиот комплекс „Св.Богородица Балаклија“, денеска христијанските верници од Пијанец го одржаа традиционалниот црковно народен собир во чест на празникот Источен петок – Балаклија.

Според зборовите на протоереј Александар Васев, на овој празник и се оддава чест на божјата мајка, бидејки по Велигден нема друг празник поврзан со нејзиното име.

– Ова е првиот празник по Велигден, посветен на пресвета Богородица, кој се празнува уште од петти век. Овде на манастирскиот комплекс „Балаклија“ од дамнина се слави овој празник. Во ендекот на црквата се наоѓа чешма за која се верува дека е лековита и освен делчевци ова место го посетуваат верници од многу краишта на Македонија, истакна Васев.

За посетителите денеска беа подготвени осум котли со вкусна манастирска манџа, која и годинава, како што рече поранешниот готвач Иван Андонов, имаше посебен вкус.

– Тајната на манастирската манџа е во тоа што се ставаат сите мирудии како и кај манџата која се подготвува дома, со таа разлика што ручекот овде е благословен, миросан и можеби токму во тоа е тајната, вели Андонов.

Според делчевката Надица Ѓеоргиевска, денешниот ден за делчевци е голем празник.

– Многу луѓе доаѓаат, секоја жена си носи домашна погача, палиме свеќи за здравје си налеваме од светата водичка и се молиме за здравје на семејствата, изјави Ѓеоргиевска.

Источен петок – Балаклија според христијанските верувања е празник кој спаѓа во Светлата недела, поради што е и наречен Светол Петок, а некаде може да се сретне под името Благ Петок.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2019 19:55