Група сопственици, одгледувачи и љубители на расни кучиња од Кочани организираа основачко собрание на кое го формираа првото општинско кинолошко друштво „Осогово“.
Главна цел на друштвото е да се грижи за унапредување и афирмирање на сите видови расни кучиња во општината преку давање стручна помош и совети за одгледување, исхрана и здравстена заштита на животните.
-Една од главните задачи ни е да изготвиме евиденција за бројот и видот на расните кучиња што во моментот ги има кај нас, а тој регистар редовно ќе се ажурира и дополнува со бројот на сите новородени кучиња. За наредниот период во план ни е да организираме смотра, односно кинолошка изложба со што сакаме да влијаеме и врз подигањето на јавната свест кај останатите граѓани за потребата од поголема грижа за домашните љубимци, односно да го намалиме бројот на оне кои се откажуваат од нив и да го спречиме порастот на бездомните кучиња во градот, истакна Мирче Илиев, претседател на кинолошкото друштво „Осогово“.
Кочанското кинолошко друштво е отворено за нови членови и заинтересирани љубители на расни кучиња од општина Кочани, а веќе е зачленето во Кинолошкиот сојуз на Македонија со што се здоби со право на глас за полноравно одлучување.
Меѓу поставените задачи, определени во програмата за работа, е и организирање на членството за остварување на правата за заштита на одредени раси кучиња, унапредување на нивната здравствена состојба, начините за правилно одгледување и размножување и слично.