Со пригодна свеченост организирана од општина Делчево и Културно уметничкото друштво „Гоце Делчев“, денеска по повод 116-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев се одбележа датумот на загинувањето на револуционерот кој во 1903 беше убиен од турската војска во селото Баница.

Пред споменикот на револуционерот во центарот на градот се поклонија и свежо цвеќе положија делегација од Општина Делчево предводена од градоначалникот Горан Трајковски, делегација од Советот на Општина Делчево со претседателот Драган Маневски, претставници на политички партии, институции и здруженија на граѓаните. Во рамки на одбележувањето членовите на КУД „Гоце Делчев“ прочитаа реферат за животот и делото на Делчев.

Градоначалникот Горан Трајковски истакна дека Делчево достојно го исполнува аманетот кој го остави големиот револуционер.

– Градот Делчево го носи името на великанот Делчев од 50-тите години на минатиот век, а како следбеници на неговиот лик и дело ги промовираме неговите заложби и работиме да го изградиме нашиот град како достоен носител на неговото име, рече Трајковски.

По повод значајниот датум за градот, чиј патрон е токму најголемиот македонски великан, вечерва под покровителство на градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, а во организација на Меѓународната фондација за соработка и културен натпревар „Гоце Делчев“, во Македонската филхармонија во Скопје, со почеток од 19 часот, ќе се одржи концерт на гудачкиот оркестар од Скопје и Софија „Гоце 116“. Концертот е во режија на Илија Каров, а ќе настапат Гонца Богоромова-Краповски, Десислава Тодорова, Марин Бабиќ, Христо Христов, квартет труби и гудачкиот оркестар од Софија и Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/05/2019 14:36