Кошаркарите на Милвоки бакс беа поуспешни од Торонто репторс во првиот дуел од конференциското финале во НБА плејофот. „Бакс“ ноќеска славеа победа со 108:100 и водат со 1-0 во серијата прв до четири победи.
Торонто во најголемиот дел од натпреварот беше во водство, но домаќините со подобра игра во финишот успеаја последната четвртина да ја завршат со 32:17 за конечен триумф.
Најзаслужен за победата на домаќините е Брук Лопез кој имаше дабл-дабл ефект со 29 поени и 11 скока.
Двоен ефект имаше и Јанис Адетокумбо – 24 поени и 14 скока.
Во поразениот тим најефикасни беа Кавај Ленард со 31 и Кајл Лаури со 30 постигнати коша.
Следниот натпревар од серијата се игра ноќта меѓу петок и сабота исто така на теренот на Милвоки.