Куманово ќе биде домаќин на првиот меѓународен фестивал за краток филм „ФИЛМАЈ 2019“, информираа денеска организаторите од фото-кино клуб „Козјак” – Куманово.
На конкурсот, кој претходно беше објавен, се пријавиле 45 филмови од автори од осум држави: Република Северна Македонија, Бугарија, Србија, Грција, Германија, Холандија, Турција и САД.
– Тричленото жири – Ивица Димитријевиќ (актер, режисер), Мартин Иванов (монтажер, режисер) и Драган Денковски, почесен член на фото-кино клуб „Козјак”, доделија награда во чест на Лазар Ѓорѓевиќ, за најдобра режија на Ото Ројшел (Otto Reuschel) за филмот „Риски“ („RISKI”), награда во чест на Радислав Ристевски за најдобра кинематографија за Росен Савков за филмот „Тими” („Timmy”) и награда „Козјак” за најдобро сценарио за Лидија Мојсовска за филмот „Награда” (“Тhe Award”), изјави Марјана Павличек, од Фото Кино Клуб „Козјак“.
Доделувањето на награди и фестивалска проекција на наградените и дополнителни издвоени филмови ќе се одржи на на 29 мај во салата на Занаетчиски дом – Куманово со почеток во 19:30 часот. Влезот ќе биде слободен.
Дипломи за особено признание ќе се доделат на филмовите: „ХАКИЕ – ХАКИ Живеејќи како маж” на Анабела Ангеловска, „Запирка” на Сезер Салихи, „Мишко” на Ханис Багашов, и „Заб” на Ајдин Ислами.
Седумте филма ќе бидат прикажани во фестивалската вечер.