Проектот „Љубов и одмазда“ („Love and Revenge“) на либанскиот хип-хоп пионер Рејес Бек и визуелната уметница Ранда Мирза и концертот на „Ромпарео“ од Колумбија се предвидени за претпоследниот ден од 18. издание на „Оффест“.

„Љубов и одмазда“ е заеднички проект на Рејес Бек и Ранда Мирза. Станува збор за музичка рефлексија на нивниот културен идентитет со цел да им дадат втор живот на старите арапски популарни песни и филмови, прилагодувајќи ги на принципите на современата музичка продукција и модерната визуелна естетика. Материјалите за своите визуелни и аудио семплови тие ги наоѓаат во уметничките дела на таканаречената „златна ера“ на арапската култура, во арапската музика и филмовите од 40-тите и 50-тите години на минатиот век.

Настапуваат во живо, пред платното врз кое во текот на концертот се прикажуваат романтични сцени од класичните арапски филмови, а бендот е составен од четири члена. Покрај Бек и неговите електронски битови и Мирза со нејзините визуелни ефекти, тука се и Жулиен Перадо на клавијатури и виртуозот на електричен ут Мехди Хадаб. Тие ќе настапат во Младинскиот културен центар, во Дансинг салата со почеток во 20 часот.

Во МКЦ вечер со почеток во 22 часот концерт ќе има групата „Ромпарео“ од Колумбија.

Групата е дел од новата колумбиска музичка сцена, заедно со Meridian Brothers, Frente Cumbiero, Los Pirañas и други, кои ги реинтерпертираат своите музички корени на еден фасцинантен начин, комбинирајќи ги традиционалните ритми и модерната електроника. Современа тропска музика со електронски ритуали, микс од двата брега на Колумбија, контаминирани со психоделија, семплери, сајзери и многу перкусии.

Предводени од „капетанот“ на новата генерација колумбиски перкусионисти, тапанарот Педро Охеда (кој свири и во Los Pirañas, Palanca, CieloMama, Frente Cumbiero, Ondatrópica и Mucho Indio), „Romperayo“ се активни од 2011 година. Имаат објавено три албума, вклучувајќи го и новиот „Que Jue?“ (2019). Во последните неколку години бендот бележи интензивни турнеи низ Европа, настапувајќи на значајни музички фестивали како португалскиот Sines и данскиот Roskilde.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/06/2019 16:25