Истражувачкиот центар за ареална лингвистика при МАНУ од денеска до 29 јуни во Куќата на Уранија во Охрид организира лингвистичка работилница во рамки на манифестацијата „Научна и уметничка визита 2019“.
На работилницата ќе се разгледуваат методите на обработка на дијалектни атласи, теоретските и методолошките поставки на дијалектолошките истражувања, современата состојба на македонските дијалекти, а ќе се дискутира и за концепцијата за изработка на дескриптивна граматика на македонскиот јазик.
Научната и уметничка визита која е во рамки на летните активности на МАНУ опфаќа научни средби, изложби и промоции на членовите и центрите на Академијата.