Министерот за култура Хусни Исмаили денеска присуствуваше на отворањето на 5. Меѓународен конгрес за општествени науки што годинава се одржува во Скопје во соработка со Меѓународниот балкански универзитет, Универзитетот на Тракија, Универзитетот Намик Кемал од Текирдаг и Универзитетот Мармара.
Во своето обраќање, министерот Исмаили се осврна на непроценливата важност што културата, науката и образованието ги имаат во градењето на пријателството и довербата меѓу земјите од светот. Тој изрази задоволството од досегашната соработка со Република Турција која се одвива во духот на пријателството и традицијата, со постојани заложби за нејзино унапредување. Во обраќањето, Исмаили ги спомена бројните заеднички реализирани проекти во областа на културата, уметноста и издаваштвото, соработката со ТИКА, како и соработката во областа на образованието и размената на искуства, што според него, претставуваат светол пример и афирмација на универзалните вредности кои помагаат за поголемо взаемно почитување, запознавање и градење на свет на толеранција, богат со различности.
Покровител на Конгресот е претседателот на Законодавниот дом на Турција, Мустафа Шентоп, а на отворањето беа присутни и турската амбасадорка Тулин Еркал Кара, министерот за јавна администрација на Косово, Махир Јагџилар, како и заменик-претседателот на Собранието на Турската Република Северен Кипар, Зорлу Торе.
Конгресот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Турција, ТИКА, Институтот Јунус Емре, Унијата на општини на Турција, општините Османгази, Бахчелиевлер, Сивас и Сулејманпаша од Турција, Туркиш Ерлајнс и Стопанската Комора на Измир.
Покрај протоколарниот дел, во рамки на конгресот ќе се одржат и три панели со учество на еминентни панелисти од земјава и од странство.