Општина Делчево за ова лето подготвува богата културна програма. Квалитетната понуда за сите возрасти и вкусови се состои од промоции на книги, фестивали, препознатливи манифестации и други културни содржини. Богатата културна програма, како што информираше Даниела Такева од Општина Делчево, почнува овој понеделник, со промоција на книгата „Бдеењето над себе“ од авторката Дијана Петрова.

– Во подготовка сме на јубилејните традиционални меѓународни Голачки фолклорни средби со што даваме почит и правиме промоција на изворниот фолклор. Исто така во соработка со Центарот за култура планиран е и Фестивал на серенади и концерт на оркестри и групи и филмски маратон, а во организација на ЈЛБ „Илинден“ веќе овој понеделник ќе се реализира промоцијата на книгата „Бдеењето над себе“, од нашата сограѓанка Дијана Петрова, истакна Такева.

Ова лето, како што додаде, ќе се одржи и Пијанечко-малешевска свадба заедно со Меѓународниот фолклорен фестивал „Делчево фест 2019“, манифестации, кои се реализираат во партнерство со КУД „Гоце Делчев“.

По теркот на големите градови, како што дополни Такева, во месец август предвиден е голем концерт на кој ќе настапи позната балканска музичка ѕвезда.

– Ќе дадеме повод, како и лани, Делчево на 9 август да биде посакувана дестинација за сите жители од регионот. Во партнерство со бизнис секторот, во подготовка сме и на голем концерт на кој ќе настапува позната естрадна ѕвезда од Балканот. Детали за тој концерт ќе соопштиме во наредниот период, вели Такева.

Минатата година во рамки на главниот концерт што се одржа на летната сцена во градскиот парк, во Делчево присуствуваа над 10 илјади посетители од регионот.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/06/2019 14:55