Верувам дека проектот „Балканска младинска школа“ ќе ја зајакне културата на соживот на различните нации во овој регион и ќе ги одржи мирот и стабилноста, истакна вчера министерот за култура Хусни Исмаили на затворањето на Евалуацијата на Балканската младинска школа.
Како што соопшти Министерството за култура, Евалуацијата на „Балканската младинска школа“ беше во организација на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ).
Министерот Исмаили пред учесниците на младинската школа истакна дека реализацијата на еден ваков настан во Република Северна Македонија, е од особено значење за развојот на односите меѓу Република Турција и нашата земја но, и со останатите земји од Балканот.
– Спроведувањето на проектот ќе овозможи различните нации кои живеат на балканските простори, подобро да се разберат и да се запознаат, рече министерот Исмаили.
На настанот, кој со поддршка на Претседателството на Турците во странство и сродните заедници (YTB ) се спроведе во осум земји на Балканот, присуствуваа и претседателот на Големото народно собрание на Турција, Мустафа Шентоп, претседателот на Турците во странство и сродните заедници, Абдула Ерен, вишиот соработник во Големото народно собрание на Турција, Неџип Фазил Курт, пратеници од турскиот Парламент, амбасадорката на Република Турција во нашата земја, Тулин Еркал Кара, како и претставници на повеќе турски институции, организации и голем број гости.