Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во партнерство со Британскиот совет го објави конкурсот за Литературна награда на ЕБОР за 2020 година.

Целта на наградата е да ги препознае богатите култури и креативноста на регионот каде што Банката има свои активности, кој географски се протега од Централна Европа до Централна Азија, и од јужен и источен Медитеран до северна Африка.

Литературна награда на ЕБОР за 2020 година ќе биде доделена на писател и преведувач за најдобро литературно белетристичко дело преведено на англиски јазик, кое е оригинално напишано од автор кој е граѓанин на која која земја каде што ЕБОР има свои канцеларии, на јазик кој се говори во тие земји и да биде отпечатено од издавачка куќа во Велика Британија. Делото мора да биде првпат објавено во периодот од 15 ноември 2018 година до 15 ноември 2019 година.

ЕБОР ја доделува трета година по ред оваа награда во износ од 20.000 евра, која ќе биде поделена помеѓу наградениот автор и преведувачот. На конкурсот се доделуваат и две награди од по 1.000 евра за два учесника и преведувачите на делата.

Пријавувањето за Литературна награда на ЕБОР за 2020 година е до 1 октомври 2019 година. Првата селекција на кандидатите ќе биде објавена во јануари 2020 година, а финалистите – во март 2020 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/07/2019 17:06