Србија ќе може да смета на сите свои водечки играчи на Светското првенство во кошарка. Ова стана јасно од објавениот список од 18 играчи кои се вклучени во проширениот состав за првенството во Кина кон крајот на летото.
Никола Јокиќ од Денвер, Бобан Марјановиќ од Филаделфија и Богдан Богдановиќ од Сакраменто се ставени меѓу избраниците на тренерот Саша Ѓорѓевиќ. Во тимот се и бекот Милош Теодосиќ, крилото Немања Бјелица и центарот Мирослав Радулица, а единствените попознати имиња надвор од составот се оние на Никола Калиниќ и Немања Недовиќ.
Србите, кои се светски и олимписки вицешампиони, ги почнуваат подготовките за првенството на 21 јули. Тие ќе играат три контролни дома, како и ќе гостуваат на Литванија и Грција. На 20 август, тимот лета во Кина, каде што ќе има уште три контролни против Италија, Нов Зеланд и Франција.
Србија е во групата „Д“, каде се уште се екипите на Италија, Ангола и на Филипините.
Проширениот состав на Србија: Алекса Аврамовиќ, Стефан Бирчевиќ, Немања Бјелица, Богдан Богдановиќ, Марко Гудуриќ, Никола Јокиќ, Стефан Јовиќ, Огњен Кузмиќ, Владимир Лучиќ, Милан Мачван, Бобан Марјановиќ, Василије Мичиќ, Драган Милосављевиќ, Никола Милутинов, Мирослав Радулица, Марко Симоновиќ, Милош Теодосиќ и Дејан Тодоровиќ.