Пијанистката Дуња Иванова и групата „Светлост“ вечер од 21.30 часот во паркот „Ибни Пајко“ премиерно ќе го изведат делото „Квази бурлеска“ за пијано и инструментален состав од македонската композиторка Ана Пандевска. Концертот е во рамки ан „Скопско лето“. Во продукција е на „Слобода филм“ и поддржан од Министерството за култура и Општина Центар.

Ана Пандевска е авторка на солистички, камерни, хорски и симфониски дела кои опфаќаат различни музички правци и жанрови, како минимализам, фолклор, џез, електроакустична и амбиентална музика. Таа е редовен член на СОКОМ и добитник на повеќе награди за класична композиција.

Дуња Иванова е магистер по пијано и доктор на филозофски науки. Концертирала во Њујорк, Париз, Сараево, Тирана, Рагуза, Приштина и на голем број домашни фестивали. Посветува рецитали на музиката на Прајснер, Глас, Еинауди, Перт, Сакамото, Најман, Рајли, Рајх, Сапин, Федел, Бан, Тирсен.

„Светлост“ е музички колектив основан во 2014 година и флексибилен ансамбл, кој основното трио (Новковски, Омерагиќ и Спировски) го користи како платформа за соработка со повеќе музичари од различни профили. Музиката на овој состав се менува во зависност од луѓето вклучени во конкретен проект – најчесто од слободен џез, пост-рок, електро-акустична музика, минимализам и амбиентална музика.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/07/2019 11:14