По повеќе децении континуирано уништување, на агендата е разгледување на потребата нашето единствено светско природно и културно наследство да биде прогласено за светско наследство во опасност. Ова, според нас, е негова единствена шанса за опстанок, смета невладината организација „Фронт 21/42“ во врска со тековната 43 сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што се одржува во Баку,

На сесијата која деновиве се одржува во престолнината на Азербејџан ќе се дискутира за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот Регион, а учествува владина делегација предводена од министеот Едмонд Адеми, во која е и градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски.

Според „Фронт 21/42“, кои сесијата во Баку ја нарекуваат пресудна, ставањето на Охрид на листата на светски наследства во опасност нема да значи тргање на заштитата од УНЕСКО, туку нејзино зајакнување зашто ќе се стопира деструкцијата и ќе се создадат услови за враќање поволна состојба на вредностите.

– Одење на листата не значи губење на статусот, значи дека советодавните експертски тела на УНЕСКО (врвни светски експерти за природа и културно наследство) директно ќе се вклучат во изработка на сет корективни мерки за посакувана состојба. Постојат многу примери во светот каде ваквиот потег донел спектакуларни резултати и во речиси безнадежни случаи целосно се вратени исклучителните универзални вредности. Во оваа смисла, најпатриотскиот чин кој нашата делегација може (и ако сака да го зачува најголемото природно и културно богатство – мора) да го направи во Баку, е да побара Охрид да отиде на листата на светски наследства во опасност и помош од експертите од УНЕСКО, апелира „Фронт 21/42“.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/07/2019 12:30