Министерот за култура Хусни Исмаили имаше работна средба со Артур ле Гал, директор на „KEA European Affairs“ – интернационален политички истражувачки центар специјализиран за култура и креативни индустрии и за спорт со седиште во Брисел.
– Министерот Исмаили ги потенцираше огромните напори што ги прави земјава во областа на креативните индустрии и го сподели значењето што го имаат овие индустрии за поширокото општество и за економијата. Целта на средбата беше да се потенцира мултидисциплинарниот карактер на креативните индустрии, да се споделат искуствата од сработеното во различните области на културното и креативно дејствување во регионот и да се продлабочи соработката, соопшти Министерството за култура.
Додава дека соработката со центарот „KEA European Affairs“, кој ги развива европските политики во културата, ќе биде во насока на промоција на автентичноста, оригиналноста и различноста.
– Идната соработка на ова поле за Северна Македонија ќе значи развивање на креативноста базирана на културата и вклучување на културните прашања во другите политички области, наведува Министерството за култура.