Марина Петровска и Огнен Караѓозевски се годинешните невеста и младоженец, кои ќе ја овековечат нивната љубов на традиционалната културно-сценска манифестација Галичка свадба, која по 46-ти пат, од 12 до 14 јули ќе се одржи на планината Бистра во Галичник.

Како што изјави Александар Костиќ од организацискиот тим на Месната заедница Галичник на денешната прес-конференција во Скопје, свадбата ќе биде проследена со свадбарски обичаи и ритуали, народните носии и изворни песни од овие краеви на земјава и се очекува присуството на илјада посетители од земјава и странство. Покровител на годинешната Галичка свадба е претседателот Стево Пендаровски.

– Галичката свадба е светски позната и призната културна и туристичка манифестација, која придонесува за промоција на нашата земја и на сите нејзини убавини. Како организатори на манифестацијата пособено сме задоволни што и годинава на најдобар можен начин ја продолжуваме вековната традиција на Мијаците, како дел од македонското културно богатство. Тоа, како и се поголемиот број на посетители на оваа манифестација, за сите нас претставува дополнителен мотив да продолжиме да вложуваме максимални напори да ја одржиме и постојано да ја збогатуваме, посочи Костиќ.

Ламбро Патче од „Пивара Скопје“, партнер на манифестацијата, им честита на младенците и наздрави за нивната љубов, среќа и бериќет.

– Гордни сме што веќе 46 години во континуитет сме неизоставен дел од оваа уникатна манифестација која е огледало на нашата богата традиција и културно наследство. Им честитам на младенците за нивната среќа и берикет, но и за пријателство и заедништво кои не поврзуваат и зближуваат. Тоа е исто она заедништво, иднина, пријателство, дружење како најисконска сила која ги поврзува во Галичник сите оние кои се од Галичник, но и оние кои се намирници и сакаат да го видат Галичник и нашата богата традиција, појасни Патче.

Тој додаде дека традицијата постоела со векови и треба со голем ентузијазам таа да се пренесува на следните генерации, да ги видат оние автентични ора, обичаи, традиција, адети, нардно носиик, галички специјалитети и архитектурата која се гнездила во Бистра.

Галичката свадба ќе започне во сабота на 13 јули, а венчавањето на младенците ќе биде следниот ден во храмот „Св.Апостол Петар и Павле“ во Галичник. Свеченоста ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.

Традиционално, со одржувањето на Галичката свадба ќе се означи и почетокот на „Галичкото културно лето“.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/07/2019 13:50