Настаните од еднонеделната културна манифестација „Петровденски конаци“, со која Кочани ќе го одбележи Петровден, празникот на градот почнуваат денеска.

Во програмата што заеднички ја организираат Општина Кочани и Центарот за култура „Бели мугри“ се влезени десетина културни содржини од сценско-музичка, ликовна, литературна и тетарска дејност.

-Програмата ќе започне в петок на летната сцена на Центарот за култура со концертот од танго звуци „Виварт“, по што ќе следува ликовен перформанс на академската сликарка Андијана Мациев. Наредниот ден ќе се одржи интерактивна изложба на авторката Надица Атанасова под наслов „Организам со волја и страст за себеутрврдување“, а ќе биде отворена и ликовна колонија со интерактивен перфорамнс на која ќе учествуваат Владимир Темков, Горан Боев, Цветанка Јованкова Хермес, Валентина Илијевска, Марија Мицева Гацова и Јорданчо Кицовски, уметници кои ќе творат по инспирација од Кочани.

За в недела е закажан концерт на ХООД, а в понеделник пак, ќе биде отворена етно изложба на ракотворби, како и концерт на фолкорни ансамбли „Фолклорно надигрување“, информираа од ЦК „Бели мугри“.

Театарската престава „Влези, не се соблакај“ со која актерката Весна Петрушевска ќе одбележи 22 години од својата кариера ќе биде прикажана во вторник на сцената во ЦК „Бели мугри“, а в среда пак, ќе биде промовирана книгата „Храм на Бендида – Виничко кале том 1“ од авторот Сашко Темелков. Во вечерниот термин ќе се одржи ревија на модерни танци „Играј со мене“, како и детскиот музички фестивал „Музички бранови“.

Еден ден пред прославата на Петровден, на 11 јули во црквата „Св. Ѓорѓи“ ќе се одржи вечерна богослужба, а потоа и литија до градскиот парк каде ќе има кршење на славскиот колач и Духовна академија со настап на црковни хорови и на етносоставот „Вез“ на Илија Ќосевски.

За в петок и сабота се најавени концертот на Влатко Стефановски трио, како и влашката етносредба на Пониква „За Петровден сите на планина“.

Програмата на манифестацијата финансиски се реализира со средства од буџетот на Општина Кочани, од Министерството за култура и од Центарот за култура „Бели мугри“.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/07/2019 11:37