Концертната верзија на сценско-музичката претстава „Црнила ремикс“, која е во продукција на Младинскиот културен центар, в сабота ќе биде претставена на музичкиот фестивал „EXIT“ во Нови Сад, на една од трите главни сцени – Fusion stage. Наредниот ден ќе биде прикажана и во клубот „Мочвара“ во Загреб, како специјална изведба во чест на наградените на петтото државно првенство на слем-поезија во Хрватска.
На 10 јули „Црнила ремикс“ ќе биде изведена на Школка во Градски парк, во рамки на првиот фестивал „Summerland“ во Скопје, на 14 јули ќе гостува на Д-фестивал во Дојран, а на 23 август и на 11. БОШ-фестивал во Гевгелија.
Театарско-музичкиот проект „Црнила ремикс“ е едно поразлично видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле ставено во контекст на урбан хип-хоп албум. Поставен е по идеја и режија на Јордан Симонов и премиерно претставен минатата година на фестивалите „Здраво млади“ и „Млад отворен театар“. Во актерската екипа се: Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска и Павле Димковски.
Наесен е планирана и турнеја за театарско претставување на проектот. Покрај театарската и концертната верзија, „Црнила ремикс“ на почетокот на септември ќе се појави и како радиодрама на винил-издание.