Во богата фестивалска атмосфера, со одекот на гајдите, кавалитер, тапаните и изворната песна, иако без дефиле поради дождливото време, синоќа во прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ беше отворен јубилејниот 45. Фестивал на на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Околу 300 учесници во Прилеп и вечер на Рудина кај Долнени ќе покажат дека се негува изворниот мелос, велат учесниците, новите генерации се заинтересирани да ја одржуваат богатата традиција.
Мирче Спасовски од КУД „Панче Пешев“ Куманово вели дека на Фестивалот доаѓаат од почетоците да придонесат за негувањето на изворниот мелос.
-Нашето КУД е едно од најстарите на Балканот. Пред две години прославивме 90 години од постоењето. Се трудиме да го одржиме нашето изворно традиционално творештво, негуваме фолклор, песни и игри од сите краишта на Македонија. На Фестивалот учествуваме уште од првата година, цели 45 години, да ја презентираме традиционалната музика и да придонесеме фестивалот да трае и понатаму, рече Спасовски.
Љуба Ѓорѓиевска од Лозово првпат е на Фестивалот. – Сега младите почнаа да ја продолжуваат традицијата. Првпат настапуваме на Фестивалот и атмосферата е многу убава, вели Ѓорѓиевска.
Панде Трајковски од Скопје веќе една година има фолклорен состав „Аманет“ и уверен е дека има многу млади кои сакаат да ја негувата традиционалната музика.
-Посветен сум на традиционалните песни и на инструментите. Свирам на кавал, на гајда и на зурла. Ова е јубилеен Фестивал и сметам дека има интерес да се негува традицијата и да се зачува Фестивалот. Дојден сум со мојот состав „Аманет“ кој постои една година и ја негуваме традиционалната музика онака како што не учеше дедо Пеце Атанасовски и гордост ни е што ја негуваме традиционалната музика и да покажеме како тоа се прави, рече Трајковски.
Ученикот Михаил Грашкоски од Прилеп вели дека е убаво да го изучуваш фолклорот. – Играорец сум и играм четири години во КУД „Мирче Ацев“ во Прилеп. Интересно ми е и убаво да учам нешто што е старо, вели Грашкоски.
Родна Величковска, уметнички директор на Фестивалот смета дека дождот не ја наруши атмосферата иако оневозможи да се одржи дефилето низ улиците на Прилеп.
– Иако времето не ни дозволи да го одржиме дефилето, сепак атмосферата е убава. Целта на Фестивалот е што поавтентично да се претстават групите и изведувачите кои се од целата земја, рече Величковска.
Фестивалот го поздрави и за отворен го прогласи прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, кој нагласи дека Општина Прилеп го поддржува овој единствен од ваков вид Фестивал.
– Фестивалот го негува изворниот мелос, а општината сесрдно го поддржува зашто значи зачувување на изворните инструменти и песни кои со векови се дел од богатото фолклорно македонско наследство, рече Јованоски.
Денеска од 11 часот во прилепскиот дом на културата „Марко Цепенков“ ќе се одржи симпозиум и ќе биде промовиран Зборник на научни трудови на тема „Фолклорот во минатото и денес“. Вечер на Рудина кај Долнени е втората фестивалска вечер и прогласувањето на најдобрите изведувачи. Најуспешниот гајдаџија ќе ја добие Гајдата на Пеце Атанасовски.