Кумановските археолози продолжија со истражувањата на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане, информираа денеска од НУ Музеј Куманово. Оваа година истражувањата се насочени кон дооткривање на монументалниот ѕид кој беше детектиран минтата година.

– Засега, ѕидот е откриен во должина поголема од десет метри и претставува енигматична градба од големи камени блокови, внимателно клесани, поставени во правец север – југ. Поставен е на плато пониско од таканаречениот „акрополен простор“, па и самата стратиграфија на овој дел од локалитетот е поинаква од ситуациите откриени во репрезентативните градби на врвот од ридот. Има показатели за преправки врз градбата кои покажуваат економско слабеење на населението, но и насилно уривање на објектот, што може да се поврзе со турбулентните настани од 3-2 век пр.н.е., кога овој простор претставувал фронт на дарданско-македонските интереси. Иако економски ослабени, во објектот сепак се уште се присутни импорти на егејската керамика, што зборува за силни врски со егејскиот брег, соопштија арехолозите од кумановскиот Mузеј.

Истражувањата привршуваат и се продолжение на претходните ископувања што се вршени на овој локалитет годинава, појаснуваат од Mузејот. Ископувањата биле сондажни и се одвивале западно од истражениот простор, со цел да се добие увид во секојдневието на луѓето во населбата, што е различно во однос на претходните години кога се истражуваа монументалните градби. Наодите, како и претходните години потекнуваат во 4-2 век пр. н.е. (т.н. хеленистички период).

Од кумановскиот Музеј се надеваат дека ископувањата на овој значаен локалитет ќе продолжат и наредната година, бидејќи локалитетот и откритијата се многу значајни за овој дел. Локалитетот за прв пат е откриен пред околу 30 години, а уште при самото прибирање на површинскиот материјал, увидено е дека станува збор за богата населба лоцирана на левиот брег на Пчиња, која егзистирала во периодот на енеолитот, железното време, раната антика и хеленизмот.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2019 14:39