Златниот човек од 5 век п.н.е. познат како „казахстански Тутанкамон“ ќе биде претставен во Археолошкиот музеј во Скопје од 11 јули до 11 август. Најпознатиот и најзначаен археолошки пронајдок од Казахстан е идентификуван од научниците како 18-годишен воин на Сака – племе од азискиот народ Скити кои во минатото владееле со пространите казахстански степи.
Оттука е и насловот на гостинската изложба од Националниот музеј на Република Казахстан – „Великата степа: историја и култура“ која покрај Златниот човек ќе прикаже 189 ексклузивни предмети – накит, воена и коњичка опрема, традиционални ракотворби…
Пред отворањето на изложбата в четврток во Скопје, директорот на Казахстанскиот музеј Алмаз Шајкенович Нуразхан за МИА раскажува кој е Златниот човек и колку е за нив значаен овој артефакт, цитирајќи го првиот претседател на Казахстан, Нурсултан Назарбаев, кој во својата статија „Седум аспекти на Големата степа” напишал: „Златниот човек е нашата историја, симбол на независен и просперитетен Казахстан”.
– Затоа се стремиме да ги запознаеме посетителите со културата, уметноста и традицијата на нашиот народ. Оваа изложба ќе раскаже дека иднината е невозможна без да се погледне во минатото. Посветена е на античката историја на Казахстан и се одржува во рамки на меѓународниот проект „Патувањето на Златниот човек во музеите низ светот”. Скопје е деветтиот град во кој ќе биде прикажана, а посетителите ќе го видат единственото историско наследство на Големиот степски појас на Евроазија. Главниот експонат на изложбата е воинот на Саките или, како што понекогаш го нарекуваат – „казахстанскиот Тутанкамон”, во полна опрема, вели Нуразхан.
Бил откриен во 1969 година кога казахстанските археолози, предводени од Кемал Акишев, копале во огромeн тумул (насип) на локалитетот Исик, 50 километри источно од градот Алмати, во близина на голем комплекс од тумули – 45 земјени пирамиди на растојание од три километри. И покрај импозантноста на соседните погребувања високи до 15 метри, самиот Исик не се издвојувал со ништо, поради неговата висина од само 6,5 метри.
-Како и другите гробници под могили, Исик бил ограбен во античко време. За среќа на науката, ограбувачите не го забележале страничниот, не толку значаен гроб, во кој лежеле остатоци од човекот, кои сега во светската наука се внесени под името „Златниот човек на Исик”, раскажува директорот на Националниот музеј на Казахстан.
Златниот човек е најголемата атракција на овој музеј кој се наоѓа во главниот град Нур-Султан. Телото му е покриено со неколку илјади златни апликации, комплет кој се состои од кошула, чизми и накит за глава. Се претпоставува дека нему му припаѓале и златните обетки и прстени пронајдени во гробот.
Древните персиски летописи, табличките со клинесто писмо, како и сведоштвата на античките автори им помогнале на истражувачите да ги исцртаат контурите на историјата на скитското племе Саки на кое му припаѓал и овој воин. Саките ги спомнува и Херодот во неговите девет книги историја, каде бележи дека коњаницата на Саки била сериозна воена сила што во голема мера ги зајакнала војските на страната за која се бореле. „Во армијата на варварите најистакнати беа персиската пешадија и коњаницата на Саки“ – вака Херодот го сумирал исходот од една битка. Одушевеноста на античкиот историчар од исклучителната храброст и воена моќ на Саките станало и основа на традиционалната идеја за нивното место во историјата само како воена сила.
Раскажувајќи ни за историската заднина на вредниот археолошки наод, директорот на Казахстанскиот музеј понатаму вели дека дел од овие племиња на крајот биле освоени од персиските кралеви. Во 2 век п.н.е., по долга војна со моќната Парфија, Саките биле истерани до териториите што сега припаѓаат во границите на Иран и Авганистан, каде што и се населиле. Наскоро тие биле целосно асимилирани од локалните жители и веќе во првите векови од нашата ера како независен народ исчезнуваат од историските записи.
Историското сеќавање на Саките, вели нашиот соговорник, се покажало помалку милостиво од нивните браќа и современици – Скитите од Црното Море. Уникатните наоди во скитските кургани (тумули) на брегот на Црното Море направени од руските археолози го свртеле вниманието кон Саките. Сјајот на златото на курганите од Црното Море во близина на античките грчки колонии бил центарот на целата скитска култура.
Во 1947 година археолозите почнале со ископување на курганите на Алтајските Планини – на оние места каде што според Херодот талкале племињата Саки.
-Резултатите од овие ископувања беа навистина сензационални. Слојот пермафроза буквално ги сочувал во првобитната состојба не само облеката, туку и телата на погребаните. По илјадници години истражувачите можеле да ја проучат дури и тетоважата на погребаниот благороден воин, која била многу ретка во својата софистицираност и изработена целосно во животинскиот стил на скитската уметност, истакнува Нуразхан.
Златниот човек во рамки на изложбата „Великата степа: историја и култура“ досега гостувал во Минск, Москва, Баку, Сиан, Гдањск, Сеул, Казан и Ташкент. До крајот на следната година проектот ќе ги опфати Источна и Југоисточна Азија, Европа и САД.
Посебно место на оваа изложба има и сребрената чаша со рунски натпис, древен споменик на писменоста. Натписот сè уште не е целосно дешифриран.
-Во секој случај, не постои сомнеж дека во 4 век п.н.е. веќе постоело пишување во Великата степа. Овие наоди од Исик им овозможиле на научниците нова гледна точка на античката историја на нашата земја и да го откријат богатиот свет на луѓето кои живееле на територијата на денешен Казахстан, вели Нуразхан, откривајќи ни дел од она што македонската јавност наскоро ќе може да го види во Археолошкиот музеј во Скопје. Додава дека благодарение на напорите на неговите колеги, изложбата добива пофалби не само поради уникатноста на археолошката содржина, туку и за начинот на конципирањето.
Националниот музеј на Република Казахстан со кој раководи тој е отворен на 2 јули 2014 година. Се простира на 14 илјади квадратни метри и има седум ката и 12 изложбени сали. Музејот секоја година привлекува голем број домашни и странски посетители, а соработката со музеите во светот, според директорот, отвора перспектива за размена на искуства и нови контакти.
Нуразхан нагласува дека народите треба да се запознаат едни со други најмногу преку културата. Притоа кажува што знае за културата и историјата од нашето поднебје, од што може да заклучиме дека релации со народите од неговата егзотична азиска земја постоеле многу одамна.
-Знаеме дека Скопје е татковина на Мајка Тереза. Исто така, дека кирилицата била измислена во најстариот македонски универзитет. И за племето Кумани, кое е познато и како Кипчаки. Пред многу векови живееле во Казахстан и стигнале до северната граница на Македонија. Кипчачките племиња се директно поврзани со името на градот Куманово во Северна Македонија, додава директорот на Националниот музеј на Казахстан.
Влезот за посетители на едномесечната изложба „Патувањето на Златниот човек во музеите низ светот“ ќе биде бесплатен, соопшти Археолошкиот музеј, каде што паралелно со оваа ќе може да се посети и сè уште отворената ексклузивна изложба „100 години Требениште“.
Хатка Смаиловиќ