Заврши 16. Интернационален фолклорен фестивал (ИФФ) „Велес 2019“ во чии рамки изминатите три вечери настапија 17 ансамбли, 11 од земјава и шест од: Италија, Полска, Република Српска – Босна и Херцеговина, Хрватска и Бугарија.
Како што изјави денеска претседателот на Организацискиот одбор, Томе Јаневски, фестивалот и годинава помина успешно, а показател за тоа е многубројната публика на сите три вечери во амфитеатарот во Младинскиот парк.
-Фестивалот годинава го финансираше единствено Општина Велес од сопствениот буџет со 600 илјади денари плус уште 50 илјади од стопанственици во Велес и регионот. Фактот што оваа е најпосетена културна манифестација во Велес во текот на годината, треба да ги поттикне надлежните од Министертсвото за култура догодина како и во изминатите години повторно да издвојат средства за нејзино одржување. Тоа ќе значи можност и ние како организатори да поканиме поголем број учесници од земјава и од странство, потенцира Јаневски.
Покрај осумте ансамбли и групи од Велес, на фестивалот настапија и ансамблите „Тиквеш“ од Кавадарци, „Кочо Рацин“ од Скопје и „Китка“ од Ораовица, Радовиш.