Шесте учесници скулптори од кои тројца од земјава, двајца од Бугарија и еден од Хрватска денеска во „Пескара Вел“ во Велес ја завршија својата двонеделна работа, изработувајќи шест скулптури, од кои четири од старо железо и две во мермер. Првата колонија со 900 илјади денари ја организира Општина Велес, со поддршка од 130 илјади денари од Министерството за култура, преку Фондацијата Фокус. Скулптурите ќе бидат поставени на јавни површини во градот.
Новите урбани скулптури во Велес ги создадоа Весела Стаменова од Софија и Павел Василев од Смолен од Бугарија и Никола Ненадиќ од Риека, Хрватска.
Скулптурата ангел на Весела Стаменово и скулптурата балерината на Павел Василев, и двете направени од старо железо, ќе бидат поставени во Младинскиот парк во Велес, а скулптурата театарски маски со украсни столбови на Никола Ненадиќ од Риека ќе се постави во паркот во Офицерски и ќе гледа кон Велешкиот театар.
Како што информираат за МИА од Општина Велес, локациите на скулптурите изработени од македонските скулптори ќе бидат дополнително утврдени.
Од македонските скулптури се вбројуваа скулптура во мермер „Блажена“ на Илчо Стојановски од Велес, фигурата на слободна форма – театарска игра во мермер на Горан Ѓорев од Демир Капија и скулптурата од старо железо од велешките трговци – гемиџии поставени во гемија изработена од Горан Стаменков, скулптор од Скопје.
Со сите учесници на колонијата, денеска пред заминувањето од Велес, во својот кабинет се сретна градоначалникот Аце Коцевски и им додели благодарници за учество.
–Уметниците создадоа скулптури од старо железо и мермер како пример како може материјалите да се рециклираат и да се искористат за уметнички дизајн во кој ќе уживаат сите граѓани на Велес. На овој начин Општина Велес го промовира принципот на заштита на животната средина преку културата, потенцира Коцевски.
Тој смета дека со нивно поставување на јавни површини во градот, Велес ќе добие нова урбана естетика и повторно ќе се промовира како град – стожер на македонската култура и уметност.