Стихозбирката „Брегот отспротива (десет години отпосле)“ од Фабијано Алборгети, добитник на Швајцарската награда за литература за 2018 година, излезе деновиве од печат во издание на книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје. Препевот, поткрепен од меѓународната книжевна мрежа „Традуки“, го направи истакнатата поетеса Наташа Сарџоска.
– Оваа поетска збирка настанала необично. Нејзините песни се записи што се темелат на три години што авторот ги поминал со нелегални имигранти. Зад секоја песна стои оригинален глас што пее за уникатно доживување. Сведочејќи секакви неволји и неизвесности со кои се соочувале имигрантите, поетот нив ги преточил во живописни портрети на нивното неизвесно секојдневие додека јадел со нив, додека чекал во редици со нив, додека ги придружувал во полиција за да си ги обноват документите – со други зборови – додека живеел со нив, коментира уредникот на изданието Владимир Цветкоски.
Фабијано Алборгети (1970) е поет и културен промотор. Пишува на италијански јазик и живее во Тичино (Швајцарија). Објавил пет книги поезија. Неговите песни се преведени на десетина јазици и се појавуваат во списанија, антологии или како самостојни книги. Од 2014 до 2017 година бил главен уредник на списанието за поезија „Ателје“. Од мај 2017 година е член на Одборот на директори на Швајцарското друштво на писатели и претседател е на Домот на литературата на „Свисера италијана“ со седиште во Лугано. Во 2018 година ја освои Швајцарската награда за литература. Благодарение на швајцарскиот совет за уметност Pro Helvetia и Министерството за надворешни работи на Швајцарската Конфедерација, тој официјално го претставува швајцарскиот кантон Тичино и италијанскиот јазик на фестивалите дома и во странство.
Книгата на швајцарскиот лауреат ќе може да се најде во книжарниците на „Или-Или“, „Култура“ и „Антолог“.