Поранешниот играч на Бруклин, Феникс и Милвоки и актуелен претседател на кошаркарската федерација на Босна и Херцеговина – Мирза Телетовиќ, смета дека НБА не е нешто особено интересно. 33-годишниот Бошњак прерано ја прекина кариерата поради здравствени проблеми, а сега даде интервју за шпанското радио „Виторија“.

– Мислам дека НБА е досадна. Ако не играте за Голден Стејт или Кливленд, или кој било тим кој се бори за титулата, зошто сте таму? Во Виторија, со Басконија, секогаш се стремиш кон висока цел. Супер купот, Купот на кралот, финалето од Евролигата, а во САД … што? Лично, тоа беше досадно за мене, иако тоа беше, исто така, добро искуство. Најдобра лига во светот е, може да се спротивставите на најдобрите и да имаш легенди за тренери. Но, јас лично ја претпочитам Евролигата и Шпанија“, рече Телетовиќ, кој е двапати шампион во шпанскиот шампионат со Басконија.

– Се повеќе и повеќе играчи ќе се враќаат во Европа. Не знам зошто млади момчиња одлучуваат да одат во НБА, откако во првите три години ќе играат во Лигата за развој или ќе седат на клупата, рече тој во врска со одлуката на Никола Миротиќ да ја напушти НБА и да потпише со Барселона.

– Ситуацијата во Евролигата беше многу поцврста порано. За време на посетата на Атина, не чувааа 250 полицајци, додаде тој.

Телетовиќ (206 сантиметри) одигра вкупно 324 натпревари во НБА помеѓу 2012 и 2018 година, постигнувајќи просечно по 8,1 поени и 3,2 скока по меч.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/07/2019 16:02