Гевгелија е вистински кошаркарски град кој минатата сезона имаше два клуба кои се натпреваруваа во Првата државна лига, доби шампион во БИБЛ лигата и беше домаќин на кошаркарскиот Куп.
Со сопственикот и спонзорот на КК „Блокотехна" постигнавме договор во наредната кошаркарска сезона Гевгелија во Првата кошаркарска лига да ја претставува само КК „Кожуф" кој ќе настапува значително зајакнат организациски и во поглед на играчкиот состав, информираше на денешниот брифинг со новинарите градоначалникот Сашо Поцков.
– Гевгелија е вистински кошаркарски град кој минатата сезона имаше два клуба кои се натпреваруваа во Првата државна лига, доби шампион во БИБЛ лигата и беше домаќин на кошаркарскиот Куп. Констатиравме дека ваквата традиција можеме да ја продолжиме и да постигнеме уште подобри резултати само со единствен кошаркарски клуб, рече Поцков.
За постигнување подобри резултати неопходни се и дополнителни финансиски средства поради што Поцков организирал средба со најголемите компании од општина Гевгелија од кои побарал поддршка за остварување на целта и задржување на гевгелискиот спортски бренд.
Текстилната компанија „Ноел" која беше сопственик и единствен спонзор на КК „Блокотехна" најави дека финансиски и организациски ќе го поддржи единствениот кошаркарски клуб „Кожуф" и оти дополнително ќе одлучи дали „Блокотехна" ќе продолжи да се натпреварува или пак местото во Првата лига ќе го отстапи на друг клуб.