„Димитар Солев како полемичар“ е насловот на новата книга на Веле Смилевски, објавена во издание на „Дијалог“ од Скопје.
Димитар Солев (1930 – 2003) е едно од позначајните имиња во современата македонска литература. Во книгата на Веле Смилевски посебно место заземаат критичко-есеистичките и полемичките заложби на Димитар Солев во педесеттите и шеесеттите години од минатиот век.
Македонската книжевна конфронтација и до сега беше предмет на истражување во неколку студии на Веле Смилевски, објавени во книгите: „Аспекти на македонската литература“, докторска дисертација одбранета на Филолошкиот факултет во Скопје, „Процеси и дела“ и „Димитар Митрев како полемичар“. Студијата „Димитар Солев како полемичар“ се надоврзува на овие истражувања.
Рецензент на книгата „Димитар Солев како полемичар“ е писателот Благоја Иванов, еден од ретките живи сведоци и учесници во полемиките кои за нашата литература имаа преломен карактер во свртувањето кон модерните процеси на европскиот книжевен контекст.