„Шеги на љубовта“ по текстови на Чехов и во изведба на Сатиричен теататр „Алеко Константинов“ од Софија ја доби наградата за најдобра претстава во целина на 17. Интернационален театарски фестивал „Актерот на Европа 2019“, кој заврши синоќа со доделување на наградите во Сарајот во Ресен.

Наградата „Актерот на Европа 2019“ за најдобро актерско остварување ја доби Јулија Милачиќ – за улогата во „Смрт и девојка“ на Црногорскиот народен театар од Подгорица.

Одлуките ги донесе жирито во состав: Мето Јовановски (претседател), Лилјана Котевска-Плевнеш, Елена Трјаковска и Брајан Мајклс.

Монодрамата „Симедеја или човечки глас“ од Косово ја доби наградата „Жак Лакариер“ за оригинална театарска инвентивност, а македонскиот актер Здравко Стојмиров ја доби наградата „Наум Манивилов-Преспански“ за неговото театарско толкување на „ЗОО Приказна“ од Едвард Олби.

За најдобар млад актер беше прогласена Сара Марковска, која ја доби наградата „Млада Европа“, за улогата во монодрамата „Пауна“, додека наградата од публиката му припадна на Драган Тешиќ од „Драфт театар“ од Тузла, за претставата „Со кого, со што во ЕУ?“.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/07/2019 15:39