Повеќе од три илјади посетители присуствуваа синоќа на градскиот плоштад во Пехчево, каде беше отворен Фестивалот на дувачки оркестри, а потоа свој настап имаше и пејачот Влатко Лозаноски.
На отворањето на Фестивалот се обрати градоначалникот на Пехчево, Драган Тренчовски, кој рече дека и годинава со поддршка на спонозорите успеале да ја продолжат традицијата на натсвирување на оркестрите.
– Иако фестивалот има ревијален карактер, сепак покажува дека Пехчево може да се гордее на големиот број музичари кои имаат дарба за овој вид музика по која сите не препознаваат. Се надевам и во рамки на вториот ден, сите патишта повторно ќе водат кон Пехчево за фестивалот и на самиот празник на градот – Павловден, ќе имаме уште повеќе гости, истакна Тренчовски.
Гости имаше и од соседните градови, како и од Република Бугарија. Тие изразија задоволство што можеа да го видат својот миленик Влатко Лозаноски.
– Ние сме група млади од Делчево. Пехчево ни е сосем близу и затоа одлучивме вечерва да го проследиме концертот на Влатко Лозаноски. Навистина е многу убаво, плоштадот е преполн, уживаме во музиката и ќе останеме до самиот крај на фестивалот, истакнаа посетители пд соседното Делчево.
Освен Влатко Лозаноски, во рамки на синоќешната програма настапија и дувачките оркестри Ќоровци, Сенад Бенд и Џафер Бенд, како и скопските рокери Purple Zeppelin. Вториот фестивалски ден продолжува со традиционалниот Етно-саем Пехчевски Павловден, како и целодневна програма со традиционалните етно групи од земјава и странство.
На бината на градскиот плоштад во Пехчево вечер ќе настапат дувачките оркестри Уска Кан, Џипси Тајфа, како и екс-ју звездата Ален Исламовиќ и неговиот бенд „Кад би био бјело дугме“. Фестивалот ќе го затворат љубителите на пехчевската публика Brass Brothers.