Книгата „Филмски клуб“ од канадскиот писател Дејвид Гилмор е најново дело од работилницата на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, што од понеделник ќе биде достапна и на македонски јазик.
„Филмски клуб“ ги поврзува книжевноста и филмот и претставува прекрасно понирање во внатрешноста на човековата личност преку Седмата уметност, како пријатен муабет меѓу двајца стари пријатели.
Преводот од англиски јазик е на Ацо Пероски, дизајнот на корицата на Марија Смилевска, а излегувањето на книгата финансиски е поддржано од Канадскиот совет за уметности.
Дејвид Гилмор (1949) е роден и живее во Канада. Работел како филмски критичар и новинар, а подоцна почнал да пишува и романи. Денес е професор на Универзитетот во Торонто. Своите први романи ги објавува уште во осумдесеттите години на минатиот век, а голем успех постигнал со Совршена ноќ за патување во Кина (2005) и Совршениот поредок на нештата (2011). Сепак, негово најпознато дело е мемоарската книга Филмски клуб (2007), која важи за бестселер и е преведена на десетина светски јазици.