Во српскиот дневен весник „Данас“ објавен е книжевен осврт на авторката Анѓелка Цвијиќ посветен на српското изание на македонскиот роман „Зад аголот“ од Томислав Османли.
Под наднасловот „Патот по кој оди светот“ и насловот „Селидбите на страдните души“, авторката на опсежниот книжевен осврт создава критичарски омаж на книгата од нашиот автор, оценувајќи го неговото комплексно романескно остварување со врвни оценки.
Критичарката ја претставува структурата на романот „Зад аголот“ и упатува највисоки оценки за книжевното остварување на македонскиот автор.
– Сложениот роман „Зад аголот“ на Томислав Османли го одликува префинетиот, отмен стил, мудро осмислените, долги реченици за чија убавина на српски секако е заслужен и преведувачот, имагинацијата, духовноста, ерудицијата, речиси филмската смена на временските планови, брзината со која се сменуваат сцените под будното внимание на писателот… се се тоа особини на ова дело кое е додатно збогатено со умни есеистички пасажи за филозофијата, математиката и литературата, пишува Цвијиќ.
Објавениот книжевен осврт на Анѓелка Цвијиќ доаѓа една година по објавувањето на нејзиното интервју со Томислав Османли – „Ова е доба на призраци“ по повод појавата на неговиот роман во Србија и објавено исто така на страниците за култура и книжевност на белградски „Данас“.