Во црквата „Света Софија“ вечер концерт ќе одржи Националната опера и балет во рамките на музичкиот дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“.
Редовни гости на фестивалот се солистите, диригентите и ансамблите на нашата опера и балет. Првиот настан на „Охридско лето“ на 4 август во 1961 година е солистичкиот концерт на Aна Липша – Тофовиќ – мецосопран.Тој податок кажува за посветеноста и респектот што ансамблите на Националната опера и балет го имаат кон фестивалот „Охридско лето“.
Националната опера и балет опстојува во континуитет 72 години. Основана е во 1947 година во рамките на тогашниот Македонски народен театар, кој до 2004 година имаше три ансамбли: драма, опера и балет. Со акт на Владата на Република Македонија, официјализирана е како самостојна Национална установа во 2004 година со назив: Национална установа „Македонска опера и балет“, а од минатата година преименувана во Национална установа, „Национална опера и балет“, со седиште во Скопје.
Своите почетоци ги реализира со тогашните расположиви професионални кадри, надополнети преку аудиции со членови од аматерските оркестарски и хорски ансамбли. Со доаѓањето на светски познатиот диригент Ловро Матачиќ, почнува подемот на операта. Се комплетираат оркестарот, хорот и солистичката екипа и почнува да се реализира разновидна репертоарска политика, со назнака на т.н. „железен репертоар“.
Овие услови овозможуваат развој и квалитет на ансамблот, што од друга страна придонесува за можност од претставување и надвор од границите на Македонија, во сите тогашни центри на поранешна Југославија (Белград, Загреб, Љубљана, Сараево, Нови Сад), но и во странство: Лоѓ (Полска), Нирнберг (Германија), Стразбур (Франција), Букурешт (Романија), Софија (Бугарија), Тирана (Албанија)…
Растот и развојот на Националната опера и балет придонесуваат за поголем интерес и посетеност од страна на публиката, што било поттик во 1972 година да се востанови фестивалот „Мајски оперски вечери“. Овој фестивал е еден од ретките оперски фестивали во Европа. Годинава тој се одржа по 47. пат, што навистина претставува бројка за почит. На фестивалот, но и во тековниот репертоар на куќата, гостувале врвни оперски уметници од целиот свет.