Пеливанството е вековна традиција на албанскиот народ што подразбира почитување на моќтта, почитување на противникот, почитување на правилата, на јавноста и достоинствената прослава. Кога на сето ова ќе се додадат обредите пред настапот на борачите-пеливани, тогаш традицијата добива големи вредности кои се восхитувачки за секоја нација, порача вчера министерот за култура Хусни Исмаили на Меѓународната културно-спортска манифестација во традиционално борење (пеливанство) која се одржа во Спортско-рекреативниот центар во Студеничани.
Како што соопштија од Министерството за култура, Исмаили ја истакнал поддршката на Министерството за прогласување на овој етно-спорт за културно добро на Република Македонија со што ова автентично случување со сите свои специфики ќе се заштити како културно наследство.
На манифестацијата освен од земјава учествувале борачи-пеливани од балканските земји, Турција, Грција, Бугарија, Косово и Албанија, кои се натпреварувале во пет категории. Во рамки на манифестацијата настапиле и членовите на културно-уметничкото друштво „Емин Дураку“ кои презентирале традиционални ора и игри, а неизоставен дел од настанот биле и старите традиционални јадења карактеристични за реонот Каршијака.
За вековната традиција пеливанство како традиционален спорт и вештина во општина Студеничани, како своевиден културен артефакт, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ изготвил елаборат со цел прогласување на овој етно-спорт за културно добро на државава со што ова автентично случување со сите свои специфики ќе се заштити како културно наследство.
Натпреварот го организирале Здружението за образование, култура, спорт и екологија (АКСИ) и Федерацијата на пеливани на Македонија, а деветта година се реализира со поддршка на Министерството за култура.