Државите членки на Европската унија настојуваат да ја ублажат затегнатоста во регионот на Персискиот Залив и го повикаа Иран да го почитува нуклеарниот договор од 2015 година, и покрај повлекувањето на САД од него и повторното воведување американски санкции.

Холандскиот министер за надворешни работи Стеф Блок денеска изјави дека „се уште не е предоцна, но Иран навистина мора да ги исполнува своите обврски“.

На редовен месечен состанок во Брисел, министрите за надворешни работи на ЕУ ќе го разгледаат ширењето на поддршката за нивниот систем за трговија со Иран, кој наликува на стокова размена, со цел избегнување на американските санкции. Десет земји веќе ја поддржуваат иницијативата.

Иранските власти тврдат дека им се потребни подобрени економски врски со Европа откако САД повторно воведоа санкции против Техеран, влошувајќи ја економската криза во земјата.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/07/2019 12:12