Жителите на нашата планета годишно „произведуваат“ повеќе од две милијарди тони отпад, што претставува количина со која можат да се наполнат 800.000 олимписки базени, ПИШУВА Би-Би-Си.

Најмногу ѓубре произведуваат Американците

Најмногу ѓубре по глава на жител произведуваат Американците, поточно, три пати повеќе од другите. Најчесто во ѓубрето фрлаат пластика и храна, а кога станува збор за рециклирање, САД заостанува зад другите земји, бидејќи повторно искористуваат само 35 проценти од цврстиот отпад, пишува Би-Би-Си.

Најмногу рециклираат Германците

Најефикасни во повторното користење на цврст отпад се Германците кои рециклираат околу 68 проценти од материјалите.

Студијата е спроведена од компанијата „Verisk Maplecroft“, специјализирана за пресметка на глобалниот ризик. Нејзините вработени имаат развиено два нови индекси кога станува збор за отпадот – негово натрупување и рециклирање.

Во истражувањето се користени јавно достапни податоци и академски истражувања за да се создаде слика за тоа на кој начин различни земји се справуваат со растечкиот проблем со загадувањето, чија причина во повеќето случаи е пластиката.

Индексот на натрупување цврст комунален отпад по глава на жител покажува дека претежно станува збор за пластика, храна и опасни материјали.

Комуналниот отпад од станбените единици, институциите и продавниците го собираат локалните служби.

И додека светот секоја година „произведува“ околу 2,1`милијарди тони цврст комунален отпад, само 16 отсто од тоа се рециклира, а 46 отсто се одлага на неодржлив начин.

Кина и Индија произведуваат 27 отсто отпад

Податоците од анализата покажуваат дека Кина и Индија, кои сочинуваат повеќе од 36 проценти од светското население, произведуваат околу 27 проценти од отпадот.

Во САД се произведува просечно 773 килограми ѓубре по глава на жител, што е трипати повеќе отколку во Кина и Етиопија.

Во исто време, податоците покажуваат дека Америка е единствената развиена земја која „произведува“ толку многу отпад, а не успева да го рециклира.

Листата ги вклучува Холандија, Швајцарија, Франција и Германија. Велика Британија е 14. на листата и годишно генерира 482 килограми отпад од секое домаќинство.

Ниал Смит, еден од авторите на студијата тврди дека во Америка не постои рамнотежа во однос на количините натрупан и рециклиран отпад.

– Рециклирањето слабо функционира во однос на високите примања на граѓаните, вели Смит и додава дека во Америка рециклирањето е прашање на однос помеѓу политичката воља и инфраструктурата.

– По повеќе спроведени истражувања, можеме да заклучиме дека инфраструктурата во Америка не дава доволно можности за рециклирање, смета Вил Николс од „Verisk Maplecroft“.

Голема количина американски отпад, кој не може да се испрати во Кина, се пали бидејќи нема друг начин за решавање на тој проблем, додава Николс.

Светската динамика ја менува забраната за извоз на отпад во Кина, Виетнам, Малезија и Тајланд. На пример, кога Владата на Филипините врати 69 контејнери од Канада, имаше проблеми бидејќи азиските земји не сакаат да станат депонија за ѓубре.

Николс вели дека за загадувањето се повеќе се грижи средната класа, а Кина ваквата состојба ја решава многу побрзо поради сопствената политичка ситуација.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/07/2019 14:02