Турските научници предупредуваат за опасноста од нови силни земјотреси што го загрозуваат Истанбул и реонот на Мраморно море, пишува денеска турскиот весник „Карар“.

Научниците изготвија извештај базиран на студија за активностите во Северноанадолската пукнатина, јужно од Истанбул. Според експертите, можно е во таа област во правец исток-запад да се случи земјотрес со јачина од 7,5, 7,4 и 7,2 според Рихтер.

Во извештајот, експертите забележуваат дека катастрофалниот земјотрес со слична јачина во 1999 година не послужи како лекција, а Истанбул останува неподготвен за евентуален нов земјотрес.

– Превентивните мерки, што беа предвидени во тоа време, не беа реализирани, и пропустите од 1999 година не се отстранети, а целокупната слика стана уште полоша, предупредуваат научниците.

Северноанадолската пукнатина, која е на дваесетина километри од Истанбул, е најактивната во Европа и предизвика неколку силни земјотреси во минатиот век. Последниот силен земјотрес беше на 17 август 1999 година со јачина од 7,4 степени во реонот на Мраморно море, кога загинаа повеќе од 17.000 луѓе, а стотици илјади останаа без дом.

Турските научници прогнозираат силен земјотрес во истата област во наредните години.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/07/2019 11:54