Наскоро од печат ќе излезе книгата „Горна Бошава низ времето“, посветена на селото Горна Бошава од авторите Дарко Најдов и Јован Петков.

Како што информираше денеска Најдов, кој потекнува од ова поткожувско село, книгата од 400 страници содржи бројни и интересни податоци.

– Информациите се однесуваат на самото село кое е во срцето на Кожуф планина, за Кожувјето и реката Бошава, за висорамнината Витачево. Опфатени се и историјата од постанокот на селото до ден денес, како и за перспективите кои во иднина може да ги понуди Горна Бошава кога е во прашање руралниот развој, соопшти Најдов.

Тој додаде дека „Горна Бошава низ времето“ ги бележи и старите бошавски фамилии, многу други податоци кои сведочат за минатото на селото, во кое училиштето било затворено во 1988 година. По страница две им се посветува и на останатите шеснаесетина села од некогашната општина Конопиште, како и на двете фабрики за вода од овој крај.

Во тек е и пријавувањето за турнир во мал фудбал што ќе се одржи на денот на селската слава Илинден, кога ќе биде и промоцијата на книгата.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/07/2019 13:02