Министерот за култура Хусни Исмаили денеска се сретна со албанскиот амбасадор во земјава Фатос Река.
На средбата, како што соопшти Министерството за култура, Исмаили и Река размениле мислења за досегашната успешна соработка во областа на културата меѓу Северна Македонија и Албанија, како и за потребата од нејзино натамошно продлабочување.
Соговорниците истакнале дека во согласност со Програмата за културна соработка меѓу министерствата на двете земји, досега се реализирани многубројни активности во областа на културата, и тоа во музичко-сценската, драмската, литературната и издавачката дејност.
Исмаили истакна дека традиционално албанските поети и писатели учествуваат на книжевните манифестации во државава, како што се Струшките вечери на поезијата, а од особено значење е и фактот што мината година нашата земја за првпат се претстави на Интернационалниот саем на книгата во Тирана, кој постои веќе 20 години и е еден од најважните настани во контекст на промоцијата на албанската книжевност и култура, се наведува во соопштението.
Министерот додал дека Министерството за култура традиционално и годинава ја поддржа реализацијата на манифестацијата „Македонско културно лето“ во Мала Преспа, а е планирано Албанскиот театар, во рамките на својата балканска турнеја, да гостува и на фестивали во Албанија.
Инаку, значителна е соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија и на мултилатерален план, преку долгорочниот проект „Прекуграничен биосферен резерват Охрид-Преспа“ и вклученоста во заедничката иницијатива на УНЕСКО и ЕУ – „Кон зајакнатo управување со заедничкото прекугранично природно и културно наследство на Охридскиот регион“. Со цел продлабочување на соработката во сите сфери на културата меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, во тек е и постапката за отворање културно-информативни центри во двете држави, со седишта во Скопје и во Тирана, стои во соопштението.