Иранската национална телевизија утринава објави дека иранската Револуционерна гарда запленила странски танкер со 12 членови на екипажот, под обвинение дека шверцува нафта.

Телевизијата тврди дека танкерот бил запленет во неделата, на 14 јули, и дека во Перисискиот залив, јужно од иранскиот остров Ларак, превезувал милион литри шверцувана нафта.

Нафтата, тврди иранската телевизија, на танкерот ја натовариле ирански шверцери, а била наменета за странски купувачи. Иранските сили за безбедност го пресретнале танкерот откако од него пристигнал повик за помош, а заплената следела дополнително, се наведува во иранските извештаи.

Иранското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека Иран му помогнал на неименувано пловило, што претрпело технички дефект во Орумутскиот теснец. Откако танкерот испратил повик за помош, иранските сили му ја понудиле помошта, а ирански риморкери потоа го одвлекле во иранските води на поправка, пренесува Фокс њуз.

Американските медиуми претпоставуваат дека станува за истиот брод.

Иранското запленување на танкерот доаѓа по серијата инциденти во Заливот и зголемените тензии меѓу Техеран од една страна и Велика Британија и САД и нивните сојузници од друга.

Веста за исчезнувањето на танкерот е објавена дури по неколку дена.

Танкерот „Риах“, за кој американските медиуми известија дека им припаѓа на Обединетите Арапски Емирати, пловел за емиратското пристаниште Шарјах, по што нагло свртел и запрел во иранските територијални води, во близина на островот Кешм, на кој се наоѓа база на иранската Револуционерна гарда. Тогаш бил исклучен неговиот транспондер, по што му се губи секоја трага.

Велика Британија денеска побара објаснување на наводите дека иранската Револуционерна гарда го запленила танкерот со нафта, соопшти британската Влада.

-Од иранските власти ќе продолжиме да бараме да ја деескалираат ситуацијата во регионот. Постојано внимаваме на безбедносната ситуација во регионот и посветени сме на оддржувањето на слободата на движење во согласност со меѓународното право, изјави портпаролката на британската Влада, пренесена од британските медиуми.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/07/2019 15:58