Женската кадетска кошаркарска репрезентација на Северна Македонија на турнирот кој викендов се одржа во Скопје не успеа да одбележи ниедна победа.
Репрезентативките до 16 години изминатиот викенд одиграа три пријателски натпревари во Скопје, заедно со соодветните национални селекции на Црна Гора, Бугарија и на Босна и Херцеговина.
Првиот пораз нашите кошаркарки го претрпеа во петок против репрезентацијата на Бугарија со резултат 43-80 или по четвртини 5-17, 11-24, 16-19, 12-20. Во саботата се соочија со кошаркарките на Црна Гора, кои славеа со резултат 55-58, или 23-12, 17-18, 12-12, 3-16 во четвртини. Последниот дуел на турнирот во недела нашите кадетки играа против Босна и Херцеговина, а конечниот резултат беше 40-76 или по четвртини 9-16, 10-23, 7-25, 14-12.
Женската кошаркарска репрезентација до 16 години нешто повеќе од еден месец ги обавува подготовките за настап на Европското првенство, дивизија Б, кое ќе се одржи кон средината на август во соседна Бугарија.