Сириските военовоздухопловни сили извеле виздушни напади врз турскиот воен конвој во провинцијата Идлиб, јавија турските медиуми.

Конвојот се движел во реонот на градот Хан Шејхун меѓу турските пунктови за контрола на зоната на деескалација.

Засега нема информации за настрадани.

Претходно сириското Министерство за надворешни работи соопшти дека турски оклопни возила, наполнети со оружје, ја минале границата и влегле во Саракиб, а крајна цел им е градот Хан Шејхун.

Во соопштението на сириското министерство овој најнов случај се оценува како „скандалозно турско мешање“, пренесоа руските медиуми.

„Непријателското однесување на турскиот режим нема да се одрази на сириската офанзива кон Хан Шејхун“, уверува министерството.

Претходно руските медиуми соопштија дека силите на Башар Асад под своја контрола зазеле граничен премин во северозападните делови на Хан Шејхун, а градот што е под контрола на терористите е опколен.

Провинцијата Идлиб е последниот бастион на терористите во Сирија. Неодамна во Нурсултан ( доскорешна Астана) се оддржаа преговори за деескалација на ситуацијата во регионот, а на 2 август во Идлиб во сила влезе и договореното примирје.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/08/2019 13:02