Капитенот на македонската јуниорска репрезентација, Дарио Митевски денеска потпиша нов тригодишен договор со МЗТ Скопје.

Митевски (17) минатата сезона беше предводник на две шампионски генерации, поточно на младинскиот тим кој заврши како првопласиран во Втората лига, како и на јуниорскиот состав кој беше најдобар во М-18 лигата во организација на Кошаркарската федерација на С. Македонија (КФСМ).

Дарио е „дете“ на МЗТ Скопје Аеродром, со оглед што веќе пет години наназад го носи дресот на клубот од најмалите категории сѐ до ланскиот настап за младинскиот состав во второлигашката конкуренција.

– Подолгорочниот договор со талентираниот Дарио е само уште една потврда на заложбите на МЗТ Скопје Аеродром за давање шанса на најдобрите млади кошаркари во државата, за што и беше донесена одлуката нашиот младински тим да игра во Првата лига следната сезона. Само со промоција на млади играчи како Митевски може да се надеваме на развој не само на нашиот клуб туку и на целата македонска кошарка во целост, велат од клубот.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/08/2019 17:32