Европската унија создава фонд од 100 милијарди евра за инвестиции во стратешки области, во кои заедницата заостанува зад своите глобални конкуренти, пишува британскиот весник Фајненшл Тајмс (ФТ), кој успеал да се запознае со релевантните документи на Унијата
Таканаречениот „Европски фонд за иднината“ ќе ги финансисра инвестициите на земјите членки во водечките индустриски групи и компании, кои се способни да им конкурираат на такви корпорации, како на пример Гугл, Епл и Алибаба.
Создавањето на таков фонд треба да претставува одговор на повиците на Франција и Германија „за формирање на такви инструменти за офанзивна индустриска политика“, која ќе го заштити европскиот бизнис од нелојалната конкуренција.
Авторите на проектот посочуваат дека компаниите надвор од ЕУ „имаат невидени финансиски ресурси, што може да ја уништи иновативната динамика на ЕУ и индустриската состојба на заедницата во одредени сектори“. Станува збор за странски технолошки гиганти, како Гугл, Епл, Фејсбук и Амазон, но и кинеските Баиду, Алибаба и Тенсент, кои ја диктираат глобалната дигитална индустрија.
– Во Европа нема такви компании. Тоа претставува опасност за економскиот раст, работните места и влијанието на Европа во клучните стратешки сектори, се констатира во документите на ЕУ.