Според префектурата Пиринеј-Атлантик, 68 лица биле уапсени, а 38 биле задржани во притвор, на демонстрациите против Г-7 во Бајон, соседен град на Биариц, јавува дописникот на МИА.
Додека Г7 официјално започна вчера вечер во Биариц, протестното движење, кое започна претходно оваа недела со контра-самитот, продолжува и денеска.
Противниците на Г7 се многубројни, а тие вчера покажаа дека имаат намера да го дадат на знаење, насекаде и со сите можни средства. Повикот за голем собир беше објавен пред неколку недели. Утрото се одржа собир во Хендаи, граничен град со Шпанија, под раководство на колективно здружение за борба против глобализацијата, еколозите, синдикати и политички партии.
Под знамето „Г7 Ез“ („Г7 не“, на баскиски) и под жешкото сонце, имаше скоро 15.000 демонстранти. Поворката помина 4 километри до Фикоба, конгресен центар преку границата во Ирун, каде што оваа недела се одржуваа дебати и конференции во контекст на контра-самитот.
Многу семејства, млади луѓе со пароли во прилог на екологијата, Шпанците и другите националности беа присутни на контра-самитот.
За организаторите, вчерашната утринска демонстрација беше „голем успех“. Настанот главно се одржуваше во особено мирна и пацифистичка атмосфера и, зачудувачки за деновиве во регионот, без видливи полициски сили по патот на поворката.
Друга беше атмосферата во Бајон во попладневните часови, каде се очекуваше и стравуваше мобилизација на „анти-самитот“, што го потврдија многу импресивните полициски сили кои го опседнаа градот уште од раните утрински часови. Продавниците во најголем дел ги спуштија железните завеси, па дури и ги заштитуваа своите прозорци со големи дрвени штици. До 18 часот, градот беше изненадувачки тивок, пред да започне поворката на повеќе од 500 луѓе.
На влезот во Понт Сент Ескрит, кој се протега на Адор, демонстрантите беа блокирани и одвраќани со млазници вода, а потоа и солзавец. Во поворката, многу учсеници носеа фантомки и фрлаа камења против силите на редот. Разочарани од утринските демонстрации, некои „црни блокови“ кои ги идентификуваше полицијата беа распоредени во областа Петит Бајон, пред да се обидат да извршат напади низ целиот град.
Во раните вечерни часови, ситуацијата сè уште беше напната. Демонстрациите завршија околу 20:30 часот.
Префектурата Пиринеј-Атлантик објави дека се уапсени 68 лица, а 38 се задржани во притвор. Мерката притивор е изречена „особено за учество во група за извршување насилство или деградација, поседување предмети што би можеле да се користат како оружје за намена, прикривање на лице и фрлање проектил“
Нови мобилизации се очекуваат и денеска во Бајон. Првично беа планирани на најмалку седум места околу Биариц. Конечно, заради „преголемата полициска машинерија“ и да се обезбеди сигурност на демонстрантите, „ќе се организира нова акција во форма на народен ѕид со цел да се осуди состојбата на опсадата во која се наоѓа на Баскиската земја и кршењата на правото за да се демонстрира “.